
Сите три авиони „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување се вклучени во гаснењето на пожарот кој од правец на Македонски Брод се движи кон ловиштето „Јасен“, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Воздушната поддршка им помага на екипите на терен кои се обидуваат да го запрат ширењето на огнената стихија и да спречат таа да навлезе подлабоко во подрачјето на „Јасен“.
Ангелов предупреди дека особено критично би било доколку пламените јазици стигнат до боровата шума.
„Засега огнот не е толку низок, но доколку навлезе во боровата шума, може да ни се повтори она што ни се случи“, предупреди Ангелов.
Паралелно со пожарот кај „Јасен“, активен останува и пожарот на границата меѓу општините Струга и Дебар, во атарот на селото Селце.
На терен интервенираат пожарникарите од Струга, но пожарот сè уште не е целосно ставен под контрола. Ангелов најави дека рано наутро ќе бидат испратени дополнителни екипи за справување со огнот.
Директорот на ДЗС повторно предупреди дека претстојат уште неколку тешки денови во борбата со пожарите и упати апел до граѓаните на максимална внимателност и одговорно однесување.


