Skip to main content
Балкан

Вучиќ: Ќе распишам избори за неколку дена, подготвен сум да бидам премиер

04/09/2026  23:23

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека во следните неколку дена ќе ги распише предвремените парламентарни избори во Србија, посочувајќи дека тоа најверојатно ќе се случи на 9 или 10 септември.

„Ќе распишам избори во следните неколку дена. Мислам дека тоа ќе биде наутро на 9 или 10 септември. Десетти септември е веројатно последниот ден“, изјави Вучиќ во гостување на ТВ Информер.

Тој потсети дека утре во Ниш ќе се одржи седница на Главниот одбор на Српската напредна партија, на која една од главните теми ќе бидат претстојните предвремени парламентарни избори, но и можноста Вучиќ да се кандидира за премиер на Србија.

Српскиот претседател нагласи дека, доколку добие поддршка, има намера да претстави два предлози – едниот во актуелниот период, а вториот откако ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Републиката.

Вучиќ отворено проговори и за можноста по изборите да ја преземе премиерската функција, доколку за тоа добие поддршка од граѓаните.

„Ако добијам поддршка од народот да бидам премиер, ако добијам поддршка од народот за тоа, мојот прв предлог ќе биде тоа да биде најмалата влада во историјата на Србија – премиер и 12 министри. Тоа ќе биде моето ветување пред граѓаните“, изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека сериозно се подготвува за можноста да ја преземе функцијата премиер, додавајќи дека тоа најверојатно би бил неговиот последен мандат.

Со ова, Вучиќ практично најави големи промени на српската политичка сцена – предвремени парламентарни избори во блиска иднина, можност за негово повлекување од претседателската функција и враќање во извршната власт како премиер.