
Соопштение за јавност на Левица:
Премиерот Христијан Мицкоски на последната прес-конференција повторно се пофали со раст на БДП од 4,3 проценти, претставувајќи ја бројката како доказ за наводниот економски напредок на државата. Но, додека премиерот гледа статистички проценти, граѓаните секојдневно се соочуваат со сосема поинаква реалност – сè потешко ги обезбедуваат основните животни потреби, а сè поголем дел од нивните приходи завршува на храна и основни производи.
БДП сам по себе не е мерка за животниот стандард на граѓаните. Во него се пресметуваат економски активности и профити кои воопшто не значат дека богатството останува кај македонските работници и граѓани. Растот на бројката не значи автоматски раст на платите, подобри јавни услуги или поевтин живот. Особено во економија во која значителен дел од профитот создаден од странски компании завршува надвор од државата, а економската активност се одржува и преку постојано задолжување, фалењето со БДП без да се зборува за реалниот животен стандард е обична манипулација.
Дополнително, кога Мицкоски зборува за раст на индустријата, Владата повторно селективно ги избира бројките кои ѝ одговараат. Како доказ за индустриски напредок постојано се истакнува преработувачката индустрија, додека се премолчуваат сериозните проблеми и падови во други клучни сектори на македонската економија, меѓу кои и енергетиката.
Не може да се зборува за „галопирачки економски раст”, додека државата сè подлабоко влегува во должничко лимбо. Македонија денес се задолжува за да враќа претходни долгови – се земаат нови кредити и еврообврзници за да се сервисираат старите обврски. Тоа е доказ за држава која нема капацитет да создаде доволно економска вредност и јавни приходи за да ги сервисира своите обврски без постојано ново задолжување.
Функционална економија не се гради со земање нов долг за враќање стар долг, ниту со постојано префрлање на товарот врз идните генерации. Функционална држава има јасна економска стратегија, продуктивни јавни инвестиции, развиено домашно производство и јавни претпријатија кои не се претворени во партиски плен и генератори на долгови.
Најголемиот доказ дека наводниот „економски раст” не се чувствува кај граѓаните е структурата на нивната потрошувачка. Додека во побогатите европски држави значително помал дел од приходите на домаќинствата се троши за храна и пијалаци, во Македонија огромен дел од потрошувачката кошничка оди токму за обезбедување на основните прехранбени производи. Кога граѓаните мораат да издвојуваат третина од своите приходи само за да се прехранат, приказните за економски просперитет не вредат ништо.
Економскиот успех не се мери според тоа колку убаво премиерот ќе ја претстави статистиката на прес-конференција, туку според тоа дали граѓаните живеат подобро. А реалноста денес е дека Македонија се задолжува сè повеќе, економските капацитети во клучни сектори се намалуваат, а граѓаните од ден во ден сè потешко можат да си ги обезбедат основните производи за живот.



