
Соопштение за јавност на ДУИ:
И оваа година, Албанците се изоставени од државните награди „8 Септември“, меѓу кои се доделува највисоката награда за животно дело и четири финансиски награди за достигнувања во областа на спортот. 0 Албанци. Ниту еден спортист, ниту еден тренер, ниту еден албански претставник не беше достоен за ова државно признание.
Ова не е само резултат на една листа на наградени. Тоа е показател за пристапот со кој Албанците се исклучуваат од секоја сфера во која државата треба да го препознае нивниот придонес, успех и талент. Албанските спортисти ја претставуваат Северна Македонија, освојуваат медали, го веат државното знаме на меѓународни натпревари и со години придонесувале за развојот на спортот, но кога доаѓа моментот нивниот труд да биде награден, за нив нема место на државната листа.
ДУИ прашува: Кој е критериумот поради кој Албанците стануваат невидливи дури и кога станува збор за спортски и професионални достигнувања? Дали ова е „правичната и соодветната застапеност“ што ја ветуваше ВРЕДИ? Или е уште еден доказ дека Албанците се третираат како граѓани од втор ред?
Бараме целосна транспарентност во однос на критериумите, постапката и составот на комисијата која одлучувала за овие награди. Затоа што 0 Албанци не може секогаш да биде случајност. Кога исклучувањето се повторува, тоа станува политика. А ДУИ нема да молчи пред оваа политика на дискриминација и бришење на придонесот на Албанците од државните институции.

