Skip to main content
Хроника

Мистериозна смрт во Битола: Пред да биде пронајден мртов, камера снимила како човек го влече струмичанецот по Широк Сокак

03/09/2026  20:34

Случајот со смртта на 39-годишен струмичанец, чие тело беше пронајдено во кругот на Клиничката болница во Битола, отвора низа прашања откако се појави снимка на која неколку часа претходно се гледа како непознат човек го влече по калдрмата на Широк Сокак, објави „Телма“.

Од Обвинителството потврдиле дека лицето кое се гледа на снимката е истиот 39-годишен маж кој подоцна бил пронајден починат во болничкиот круг.

Според информациите, ноќта пред да биде пронајдено телото, Обвинителството добило само усно известување за тепачка во близина на местото каде што е направена снимката. Писмено известување од полицијата за настанот, според телевизијата, не било доставено.

Првичните сознанија на истражните органи покажуваат дека струмичанецот по тепачката бил на преглед во Ургентниот центар на битолската болница. Лекарите го упатиле на дополнителни испитувања, но засега не е познато дали ги направил, ниту што точно се случувало со него во часовите што следеле.

Неговото тело било пронајдено околу 12 часа подоцна во кругот на Клиничката болница во Битола.

Според претходното соопштение на Министерството за внатрешни работи, на 31 август околу 12:15 часот било пријавено дека во дворот на Клиничката болница во Битола бил пронајден починат Ј.И. (39) од Струмица.

Лекар од Итната медицинска помош ја констатирал смртта, а полициски екипи извршиле увид. По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција.

Повикувајќи се на неофицијални информации, „Телма“ објави дека можна причина за смртта бил срцев застој, но официјалните резултати од обдукцијата сè уште не се објавени. Обвинителството ги испитува сите околности што му претходеле на трагичниот исход.

Отворено останува и прашањето кој е човекот што се гледа на снимката како го влече 39-годишниот струмичанец по Широк Сокак и каква била неговата улога во настаните што претходеле на смртта.

„Телма“ наведува дека испратила прашања до СВР Битола и Министерството за внатрешни работи за идентитетот на лицето од снимката, за тоа кој ја обезбедил снимката и дали постојат дополнителни видеозаписи од камерите на околните објекти, но до објавувањето на информацијата не добила одговор.