
Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, предлага Собранието да организира надзорна расправа за најавените проекти за изградба на дата-центри во Македонија.
Петровска вели дека не е спорно тоа што државата сака да привлече инвестиции во дигиталната инфраструктура, туку недостигот од информации за преговорите што ги води Владата.
„Дата-центрите не се проблем. Проблем се тајните договори и матните одговори што ги добиваме од Владата“, напиша Петровска на Фејсбук.
Таа посочува дека дата-центрите се дел од дигиталната иднина и сајбер-безбедноста и дека можат да донесат инвестиции, технолошки напредок и нови можности за македонските инженери. Сепак, според неа, Македонија не смее ваквите проекти да ги прифаќа со затворени очи.
Петровска наведува дека Владата признала оти преговара со пет-шест потенцијални инвеститори, додека јавноста нема информации кои се тие, како биле избрани, што бараат од државата и што им се нуди за возврат.
Таа предупредува дека изградбата на дата-центри може да подразбира голема потрошувачка на електрична енергија и вода, користење државно земјиште, изградба на дополнителна инфраструктура, даночни олеснувања и долгорочни обврски за државата.
„Каде што има големи пари, вредни ресурси и договори зад затворени врати, секогаш постои сериозен ризик од корупција“, смета Петровска.
Токму затоа, според неа, Владата треба пред пратениците и јавноста да одговори кои се потенцијалните инвеститори, колку земјиште, струја и вода ќе користат и по која цена ќе ги добиваат овие ресурси.
Петровска бара да се открие и кој ќе ја финансира потребната инфраструктура, какви даночни и други поволности им се нудат на компаниите и колку трајни и добро платени работни места навистина ќе бидат отворени.
Дополнително, таа прашува кој ќе гарантира дека трошоците од проектите нема да бидат префрлени врз граѓаните, додека профитот ќе остане исклучиво кај приватните инвеститори.
Според Петровска, во собраниската расправа треба да учествуваат и независни експерти, кои ќе ги проценат можните енергетски, еколошки и безбедносни ризици. Треба да се утврди и дали Македонија располага со доволно ресурси за изградба на нови дата-центри, како и што може да се научи од искуството со постојниот дата-центар во Прилеп.
„Надзорната расправа не е напад врз инвестициите. Таа е заштита на јавниот интерес и можност граѓаните да добијат точни информации наместо партиски препукувања“, порача Петровска.
Таа додава дека, доколку најавените проекти навистина се добри за државата, Владата нема причина да се плаши од објавување документи, стручни мислења и одговарање на јавни прашања.
„Никој разумен не треба однапред да биде против дата-центрите. Но секој разумен граѓанин треба да биде против тајни преговори чија сметка на крајот може да ја плати токму тој“, заклучи Петровска.

