
Развојот на нови индустрии, вклучително и дата-центрите и секторите што ќе ги сервисираат, можат да создадат услови дел од младите Македонци кои живеат и работат во странство да се вратат во земјата.
Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на манастирот Успение на Пресвета Богородица во Берово.
Мицкоски порача дека од третиот квартал на 2024 до вториот квартал на 2026 година бројот на вработени се зголемил за 17.000, повикувај се на податоци од Државниот завод за статистика.
„Од 691.000 вработени до 708.000 вработени. Ако тоа го преточите во бројки, ќе сфатите дека претходната влада за седум години нема толку нови работни места отворено“, рече Мицкоски.
Според него, следниот чекор е создавање работни места во индустрии со поголема додадена вредност, кои би биле доволно атрактивни и за младите што веќе заминале од Македонија.
„Со оваа индустрија за која досега зборував и придружната индустрија која ќе ја сервисира оваа индустрија, јас очекувам голем дел од нашите, посебно младите кои се наоѓаат надвор од Македонија, да се вратат дома и токму тука да го продолжат животот со своите семејства“, изјави премиерот.
Мицкоски оцени дека економските и животните услови во Западна Европа веќе не се исти како пред пет или десет години, што, според него, дополнително може да влијае врз одлуката на дел од иселениците да се вратат.

