
Во Министерството за внатрешни работи е отворена истрага по сомнежи за незаконско издавање возачки дозволи со впишување повисоки категории, објави „Слободен печат“, повикувајќи се на извори од МВР.
Според информациите на медиумот, најмалку двајца вработени во МВР, надреден и подредена, биле фатени при изготвување возачка дозвола за која се сомничи дека требало незаконски да бидат додадени категории за управување со камион и автобус.
Сомнежите се дека ова не е изолиран случај и дека на сличен начин биле издадени повеќе возачки дозволи. „Портал икс“ претходно објави информација дека станува збор за околу 300 дозволи, но оваа бројка засега не е официјално потврдена.
Од МВР за „Слободен печат“ потврдиле дека Одделот за внатрешна контрола го известил надлежното Основно јавно обвинителство и дека во координација со обвинителството се преземаат активности за расчистување на случајот.
Според извори на „Слободен печат“, дел од лицата кои сега се под истрага во минатото биле осомничени и во аферата со лажните пасоши, а потоа биле вратени на работа со судски одлуки.
Истрагата треба да утврди колку дозволи биле издадени на ваков начин, кои лица биле вклучени и дали со незаконско впишување категории на патиштата биле пуштени возачи кои не ги исполнувале законските услови за управување со автобуси и тешки товарни возила.

