Skip to main content
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Абази го спаси Филипче

20/08/2026  17:31

ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, имал директна одговорност за поставувањето на модуларните болници за време на ковид кризата, дека не потпишал технички спецификации и не бил изработен елаборат за електричната инсталација, а тетовскиот објект бил поставен над резервоар на бензинска станица.

„Ислам Абази го спаси Филипче“, изјави портпаролот Валентин Манасиевски, обвинувајќи дека предметот со години бил во различни фази на постапување и дека со неговото затворање се заштитуваат поранешни функционери.

Од партијата посочуваат дека предметот првично го водела Вилма Русковска, а потоа бил преземен од Елизабета Јосифовска. Манасиевски оцени дека сега, по одлуката на ОЈО ГОКК, одговорноста за случајот повторно останува отворено политичко прашање. Тој додаде дека затворањето на истрагата не значи дека постапката во иднина не може повторно да биде отворена доколку се појават нови докази. 

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), по пет години од отворањето на предметот, денес го затвори во предистрага и не најде никаков криминал во изградбата на овие помошни болници, откако во една во Тетово изгореа 14 пациенти.