Skip to main content
Скопје

Од први септември едносменска настава во ООУ „Александар Македонски“ во општина Аеродром

19/08/2026  13:23

Од 1 септември ООУ „Александар Македонски“ во Реонски центар целосно преминува во едносменска настава.
Градежните зафати за адаптација на објектот се реализираат со поддршка од Министерството за образование и наука, додека комплетното уредување на училниците е финансирано од Општина Аеродром.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, извршија увид во подготовките на училиштето за почеток на новата учебна година. Со заеднички ангажман се создадени сите услови за оваа значајна промена, која носи подобри услови за учениците.

Воведувањето едносменска настава значи подобра организација на наставниот процес, повеќе време за учениците, наставниците и семејствата, но и повеќе можности училиштето да биде место за дополнителни активности, спорт, култура и развој на вештините на децата.

Ваков вид настава се воведува и во ООУ „Димитар Македонски“ во населба Лисиче за учениците од VI до IX одделение, со што продолжува унапредувањето на образовниот процес и создавањето подобри услови во училиштата на територијата на Општина Аеродром.