
Анкара прави нов чекор кон поголема контрола врз снабдувањето со критични минерали. Турција планира да формира меѓуинституционален Одбор кој ќе ја координира државната политика за минералите важни за одбранбената, енергетската и високотехнолошката индустрија.
Телото ќе има задача да го утврдува стратешкото значење на различните минерали, но и да ги зема предвид еколошките и социјалните последици од нивната експлоатација и преработка.
Овој потег доаѓа во период кога критичните минерали стануваат сè поважни за националната економска и безбедносна политика. Турција најавува дополнително поттикнување на инвестициите во рударството, следејќи го поширокиот регионален тренд, во кој и Грција веќе користи европски средства за развој на нови рударски проекти.
Македонија, од друга страна, сè уште нема отворено нов металичен рудник повеќе од 40 години, а секторот продолжува да се соочува со пад. Единствената актуелна инвестиција во критична суровина е „Иловица-Штука“, проект за ископ на бакар кој и натаму не е реализиран.
„И здравје и работа“ смета дека ваквиот развој на настаните, заедно со последните статистички податоци за состојбите во рударството, треба да биде сигнал за сериозно преиспитување на институционалниот однос кон секторот.
„Македонија има минерални ресурси, има стручни кадри и има заинтересирани инвеститори. Она што недостига е навремено институционално дејствување и создавање услови инвестициите да се реализираат во согласност со законите и највисоките стандарди за заштита на животната средина. Постојните капацитети постепено се соочуваат со исцрпување на ресурсите, а во исто време, глобалната побарувачка за бакар расте. Цената на овој метал надмина 14.000 долари за тон, што дополнително ја зголемува стратешката и економската вредност на домашните ресурси. Во такви услови, проектот за рудникот за бакар „Иловица–Штука“ претставува една од најзначајните инвестициски можности за македонската економија“, се истакнува во соопштението.
Според иницијативата, Македонија не смее да ги пропушта инвестициите во момент кога светот се соочува со зголемена побарувачка за бакар и други критични минерали и „доколку проектите ги исполнуваат сите законски, технички и еколошки услови, државата има обврска да создаде услови тие да се реализираат“.
Сепак, додека Македонија се уште не фаќа тек во глобалната трка, Извештајот за критични и стратешки минерали на Турција создаде листа од 37 минерали. На листата на критични минерали со највисок приоритет беа поставени вкупно осум – бакарот, литиумот, среброто, титаниумот, железото, манганот, цинкот и алуминиумот. Според Саит Ујсал, основач на Иницијативата за критични минерали на Турција, воените конфликти, зелената транзиција и модернизацијата на електропреносната мрежа, ја зголемуваат на светско ниво побарувачката на критичните суровини. Тој го посочи бакарот како најкритичен, бидејќи за него брзо се исцрпуваат и резервите.
„Недостатокот на снабдување со некои минерали се чини неизбежен, како што се ретките елементи кои се користат во моторите на електричните возила и ветерните турбини, но и бакарот, чија побарувачка брзо се зголемува поради процесот на електрификација, а од друга страна потребни се во просек 17 години за нов рудник за бакар да се реализира од откривање до производство“, изјави Ујсал за агенцијата „Анадолија“.
Поради честите трговски бариери и „ресурсен национализам“ голем број на држави веќе склопуваат билатерални договори за заеднички напори за ископ на руди и снабдување. Турција, која поседува огромен руден потенцијал, последно најави соработка во областа на критичните минерали со Австрија. Ова го истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на средбата во Анкара со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
„Веруваме дека ќе ја достигнеме нашата цел за трговска размена од пет милијарди долари оваа година, со оглед на постигнатите 4,5 милијарди долари во 2025 година. Над 1.000 австриски компании работат во нашата земја. Директните австриски инвестиции надминаа 11 милијарди долари. Инвестициите на Турција во Австрија се приближуваат до 1 милијарда долари. Сите овие бројки се најјасен показател за потенцијалот меѓу нас. Имаме значаен потенцијал за соработка со Австрија во областите на зелена енергија, критични минерали, висока технологија, транспорт и одбранбена индустрија“, изјави турскиот претседател Ердоган.
Турските власти претходно најваија дека се стремат да бидат и еден од петте најголеми производители во светот на ретки елементи.



