Skip to main content
Македонија

Дошле да му ја спасат шталата, тој ги нападнал – двајца пожарникари нападнати кај Прилеп

14/08/2026  19:18

Двајца пожарникари биле нападнати додека интервенирале на пожар во близина на Прилеп, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Според Ангелов, пожарникарите со помало противпожарно возило биле првите што пристигнале на местото каде што горела штала во која била складирана поголема количина тутун. Додека се обидувале да го изгаснат пожарот, наводно биле физички спречувани од сопственикот на објектот.

„Сопственикот нервозно се приближил до нив и со буткање во пределот на градите ги отстранувал и ги спречувал да продолжат со гаснење. Од страна на пожарникарите, инцидентот денеска е пријавен во полиција и се работи на негово расветлување“, соопшти Ангелов.

Тој ги посетил нападнатите пожарникари и упати апел до граѓаните да им овозможат непречено да ја извршуваат својата работа, особено во период кога на повеќе локации истовремено има пожари.

Ангелов посочи дека пожарникарите не се „супермени“ и дека им е потребно време да пристигнат на местото на пожарот. Дополнителен проблем, според него, е тоа што при повеќе истовремени пожари екипите се распоредени на различни локации, поради што првично на одредено место може да пристигне помал број пожарникари.

„Јас го разбирам револтот на човекот којшто претрпел голема загуба бидејќи изгорела неговата штала во којашто чувал поголема количина тутун, но неговото однесување не помогнало да се надмине ситуацијата. Доколку не дејствувал нервозно, можеби штетата ќе била помала“, изјави Ангелов.

Тој ги повика граѓаните да ги почитуваат пожарникарите, да им дадат поддршка и, онаму каде што е можно и безбедно, да им помогнат наместо да ги попречуваат, навредуваат или да им се закануваат.

Случајот е пријавен во полиција и се преземаат активности за негово целосно расчистување.