
Повеќе од 200 златни статуетки со ликот на австрискиот композитор Волфганг Амадеус Моцарт исчезнаа од неговиот роден град Салцбург, соопштија официјални лица. Ова ја остава изложбата посветена на 270-годишнината од неговото раѓање значително попразна, пренесува „Хафпост“ (HuffPost).
Фондацијата „Моцартеум“ на 15 јули откри вкупно 320 статуетки – секоја висока околу 50 см, на коишто е прикажан Моцарт со неговото куче. За само две недели, повеќе од 80 од фигурите исчезнаа, а бројот сега достигна 210. Тие, инаку, се дизајнирани од германскиот концептуален уметник Отмар Херл.
– Најлошото нешто за еден уметник е кога неговото дело исчезнува, изјави Херл за Германската новинска агенција – ДПА. – Не верувам дека статуетките биле украдени од посетители, веројатно станува збор за организирана кражба, додаде тој.
Херл планирал да ги продаде статуите за по околу 100 евра по завршувањето на изложбата.
„Мини-Моцартите“ беа поставени не само во градината на поранешната куќа на композиторот, туку и во неговите поранешни живеалишта, како и во неколку павилјони. Организаторите оставија одреден број резервни статуетки во случај на кражба, но немаше доволно за да се компензираат фактичките загуби. Дополнително, производителот на статуетките беше на одмор, па затоа не беше можно брзо да се направат нови.
Поради исчезнувањето на голем број фигури, изложбата сега е значително помала. Планирано е да биде отворена до 30 август.

