
Во наредните денови ќе дефинираме возен ред, а на 21 август првата делница од проектот “Градски воз” треба да добие и технички прием. Целта е што повеќе ученици да го користат градскиот воз и да им се олесни секојдневното патување до училиште, истакна во вечерашното гостување во “Тема на денот”, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Тој посочи дека во градскиот воз ќе бидат ставени најновите железнички гарнитури со кои располага државата – две електрични и една дизел гарнитура.
“Веќе утре имаме координација помеѓу Министерството за транспорт, Железници инфраструктура, Железници транспорт, Град Скопје и ЈСП. Една од точките се и возните редови, затоа што сакаме да ги усогласиме со ЈСП. Нашата основна цел ќе биде тие да одговараат на учениците, пред сè на средношколците, затоа што сум убеден дека многу средношколци ќе го користат градскиот воз, особено поради тоа што околу железничката станица има неколку средни училишта”, рече Николоски.
Тој информираше дека градежните работи се во финална фаза и дека до 21 август треба да биде извршен техничкиот прием на првата делница од градскиот воз.
“Она што ми е особено драго е дека градежните работи се веќе во финална фаза, до 21 август треба да има и технички прием. Ќе ги ставиме најновите возови таму од тие кои што се последно купени, две електрични и една дизел гарнитура”, истакна вицепремиерот Николоски.
Тој се осврна и на кражбата на опрема од железничката инфраструктура, при која, како што посочи, е направена штета проценета помеѓу три и пет милиони евра. Николоски информираше дека Министерството за внатрешни работи го истражува случајот, а паралелно се преземаат мерки за спречување на вакви случаи во иднина.
“Успеавме и тој проблем да го надминеме. Минатиот вторник на седница на Влада помина изменетиот бизнис план на Железници инфраструктура за итна набавка на два нови трансформатори, кои што ќе бидат поставени на тоа место, ќе се зголеми обезбедувањето на објектите со цел да се надминат ваквите настани во иднина”, додаде заменик претседателот на Владата.
Николоски најави и целосна дигитализација и електрификација на патните премини, со цел да се зголеми безбедноста и сигурноста на железничкиот сообраќај.

