
Шпанија ѝ даде рок на Италија до недела да ги укине граничните контроли воведени за патниците од Шпанија, кои Мадрид ги смета за неправедни, дискриминаторски и спротивни на интересите на Европската Унија, пишува „Еуроњуз“.
Доколку Рим не ја повлече одлуката, владата на премиерот Педро Санчез најави „реципрочни мерки“ за заштита на интересите на шпанските граѓани.
Италија привремено ги воведе контролите, кои главно се однесуваат на воздушниот и поморскиот сообраќај, по масовното пристигнување мигранти во шпанската енклава Сеута.
Мадрид, сепак, тврди дека италијанската одлука се темели на „неосновани аргументи“ и е спротивна на Шенгенскиот граничен кодекс. Шпанската влада наведува дека мигрантите кои минатата недела нелегално влегле во Сеута не можат слободно да се движат низ Шенген-зоната поради посебниот статус на градот и дека голем дел од нив веќе се вратиле во Мароко.
Шпанија се повика и на податоци од Фронтекс, според кои Италија во последните години бележи најголем број нелегални преминувања на надворешните граници на ЕУ. Мадрид истовремено ја обвини италијанската влада дека од 2022 година ја прекршува Даблинската регулатива, создавајќи дополнителен миграциски притисок врз другите европски земји.
Шпанската влада изрази надеж дека во спорот ќе преовладаат „посветеноста на европскиот проект, здравиот разум и добрата волја“.

