
Рускиот онлајн трговец на мало „Вајлдберис“ денес објави дека уште еден од неговите логистички центри е запален по нападот во Екатеринбург, околу 1.400 километри источно од Москва. Центрите се цел на украински беспилотни летала со недели.
Пожарот подоцна беше ставен под контрола, а поголемиот дел од стоката во магацинот не беше оштетена, објави компанијата на Телеграм. Локалните власти во Русија објавија дека синоќа над регионот биле соборени осум дронови, од кои три слетале на покривот на логистички центар.
За потсетување, Украина ги интензивираше нападите со беспилотни летала врз логистичките центри на компанијата „Вајлдберис“ во кампања што започна кон средината на јули и се прошири во неколку руски региони. Од 18 јули, најмалку 20 магацини на „Вајлдберис“ во Русија беа нападнати.
Киев ја обвинува „Вајлдберис“ дека е вмешана во синџирот на снабдување на руската војска, додека Москва и „Вајлдберис“ ги отфрлаат тврдењата, велејќи дека целите биле исклучиво цивили. Компанијата ги нарече украинските напади „терористички акти“
Патем, Wildberries е најголемата онлајн продавница и онлајн платформа во Русија, честопати нарекувана руски еквивалент на Amazon поради развиената мрежа на магацини и дистрибутивни центри. Компанијата управува со околу 200 логистички објекти низ цела Русија, а ги прошири и своите операции во Белорусија, Казахстан, Киргистан, Ерменија, Узбекистан и Грузија.
Според податоците за 2024 година, Wildberries држеше 47 проценти од рускиот пазар на онлајн платформи, пред Ozon со удел од 35,5 проценти. Во 2025 година, вредноста на продадените стоки достигна 6,1 трилион рубљи (околу 76 милијарди долари), што е зголемување од 49 проценти во споредба со претходната година, додека нето добивката изнесуваше 175 милијарди рубљи (околу 2 милијарди долари).


