
Трагичен крај доби потрагата по 28-годишната руска државјанка Људмила Туркова Константиновна, која исчезна на 25 јули за време на престојот во Белград. Нејзиното тело беше пронајдено во куфер фрлен во каналот Визељ, во населбата Падинска Скела, а за убиството е осомничен 25-годишен турски државјанин, кој беше уапсен на аеродромот „Никола Тесла“ додека се обидувал да ја напушти Србија.
Според српските медиуми, Људмила пристигнала од Санкт Петербург на одмор и изнајмила стан во Белград. На 25 јули требало да излезе во ноќен клуб со пријателки, а последен пат се слушнала со својата мајка околу 23:20 часот.
„Ми напиша дека е со девојките, дека сè е во ред и дека ќе ми се јави следниот ден“, изјавила нејзината мајка Јулија, додавајќи дека тоа бил последниот контакт со ќерка ѝ.
По таа порака, Људмила исчезнала без трага. Не се вратила во изнајмениот стан, не ги земала личните работи и повеќе не била активна на социјалните мрежи.
Истрагата добила нов правец по прегледувањето на снимките од безбедносните камери. На нив се гледа како Људмила насмеана влегува во зграда држејќи се за рака со маж. На друга снимка, направена следниот ден, истиот маж се гледа како со голем напор влече куфер завиткан во чаршаф, кој, според истражителите, е идентичен со оној во кој подоцна било пронајдено телото.
Полицијата се сомнева дека младата Русинка била убиена во изнајмен стан во белградската населба Борча. Според истрагата, осомничениот потоа го ставил телото во куфер и го фрлил во каналот Визељ, на тешко пристапен терен во Падинска Скела.
Телото било пронајдено по неколкудневна потрага, во која учествувале и полициски службени кучиња. Кучето Аки го одвело својот водич директно до местото каде што се наоѓал куферот.
Осомничениот турски државјанин бил уапсен на аеродромот „Никола Тесла“, откако веќе ја поминал пасошката контрола и се подготвувал да се качи во авион. По налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, му е одредено полициско задржување до 48 часа и ќе биде сослушан под сомнение за тешко убиство.
Телото на Људмила е предадено на обдукција, а истрагата треба да ги утврди точната причина за смртта и сите околности под кои се случило злосторството.


