Skip to main content
Спорт

Инфантино се откажа од идејата по заканите со бојкот

01/08/2026  18:46

Претседателот на ФИФА Џани Инфантино се откажа од предлогот дел од комерцијалните права од Светското првенство да бидат под капа на инвестициски фонд. Ова се случи по силниот притисок во рамки на светската федерација и со заканите за бојкот од страна на европските федерации. Инфантино планираше да формира компанија вредна 20 милијарди долари која би управувала со комерцијалните работи на ФИФА, заедно со женското Светско првенство и Светското клупско првенство.

Во соопштението објавено во петокот навечер Инфантино истакна:

„Внимателно ги сослушав сите мислења и стана јасно дека проектот предизвика поделби, кои независно од нивото на поддршката, веќе не се во интерес на целта за која беше предложен“.

Незадоволен од предлогот на Инфантино еден од неговите советници, Карлос Кордеиро (поранешен претседател на фудбалската федерација на САД) поднесе оставка.

Европската фудбалска федерација УЕФА претходно соопшти дека сите нејзини 55 членки се подготвени за бојкот на Светското првенство, а против се изјаснија и конфедерациите на Северна и Централна Америка и Кариби (КОНКАКАФ) и Азиската (АФЦ).

Инфантино најави дека во следните денови ќе разговара за наоѓање заедничко решение, а неуспехот на овој проект може да влијае на следните избори за претседател на ФИФА кои треба да се одржат следната година (март 2027 година во Рабат, Мароко), откако на претходните два избора Инфантино беше избран без противкандидат.