
Соопштението на ВЛЕН:
Откако ја добивме довербата да ги водиме институциите, пред себе имавме една цел. Да го подобриме животот на граѓаните. Во изминатите 24 месеци постигнавме видливи резултати во повеќе области, а во здравството започнавме промени што директно ги почувствуваа лекарите, пациентите и нивните семејства.
Едно од нашите главни ветувања беше вработувањето на 600 приватни специјализанти во јавното здравство. Сега, со одлуката на Владата за вработување на втората група од 300 специјализанти, ова ветување се исполнува.
Првата група од 300 специјализанти веќе е вработена, а постапката за вработување на втората група продолжува. Целта е овој процес да заврши до крајот на годинава.
Ова е можност уште 300 млади лекари, кои ја започнале специјализацијата со сопствени средства, да станат дел од јавниот здравствен систем и да ја градат својата иднина тука, во својата земја.
Истовремено, болниците кои со години се соочуваат со недостиг од специјалисти ќе бидат зајакнати со кадарот што им е потребен. Предност ќе имаат општите и клиничките болници надвор од Скопје, како и специјализациите во кои недостигот од лекари е најголем.
Ова е особено важно за граѓаните на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и другите градови. Тие не треба да губат цел ден, да трошат пари за пат и да патуваат до Скопје за преглед што можат и треба да го добијат во близина на својот дом.
Не е доволно само да градиме болници и да набавуваме опрема. На болниците им се потребни лекари. Затоа, покрај историската инвестиција од 74 милиони евра во Клиничката болница во Тетово и отворањето на патот за изградба на новата болница во Кичево, инвестираме и во луѓето кои се грижат за здравјето и спасуваат човечки животи.
Ветивме вработување на 600 специјализанти и го исполнуваме ветеното. Младите лекари ќе ја градат својата иднина тука, болниците ќе бидат кадровски зајакнати, а граѓаните ќе добиваат здравствени услуги поблиску до местото на живеење.

