
Неколку шумски пожари се активни на западниот и јужниот брег на Турција, поради што граѓаните се евакуираат и затвораат патишта. Пожарите, поттикнати од топлотниот бран, горат во девет провинции, а најтешка е ситуацијата во Анталија и Мугла, каде што се наоѓаат некои од најпопуларните одморалишта во земјата, објави „Еуроњуз“ .
Министерот за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли, потврди дека пожарите во покраините Јалова, Ќутахја и Чанаккале се ставени под контрола, додека опасноста сè уште се заканува на делови од Анталија, Мугла и Баликешир. Турција не прогласи вонредна состојба во земјата, а повеќето пожари, како оние околу Каш, се локализирани во рок од неколку часа.
Патниците во регионот сè уште се соочуваат со тешкотии. Автопатот Фетије-Анталија беше привремено затворен поради чад, а сообраќајот подоцна беше отворен со посебна регулација. Пристапот до античките урнатини на Олимп во Анталија е оневозможен. Гори и шума во близина на Каш, популарна туристичка дестинација.
Евакуации и материјална штета
Ситуацијата е најлоша во Сејдикемер, планинска област помеѓу Фетхие и Мармарис, каде што во среда избувна пожар на обработливо земјиште и се прошири на шумата. 45 пациенти беа евакуирани од локалната болница. Во шесте погодени населби, 703 жители од 408 домови беа евакуирани, а околу стотина животни беа преместени на безбедно место.
Според досегашните информации, оштетени се 55 згради, од кои некои целосно изгореле. Во гаснењето на пожарот се вклучени повеќе од 1.100 лица од службите за итни случаи, 410 возила и над 25 авиони и хеликоптери.


