
Ревизијата во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) утврди дека се уште има недоследности во ефикасноста на следење на лекувањето во странство, во начинот на финансирање / купување на услугите од јавните здравствени установи и ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, како и во ажурирање на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот.
Ккао што информира Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој го објави Извештајот за ревизијата, покрај преземените активности за спроведување на дел од препораките, и натаму постојат слабости и потребни се системски подобрувања, особено во функционирањето на ИТ системот и контролите кои Фондот ги спроведува врз вршењето и фактурирањето на здравствените услуги.
-Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување за 2024 година. Со извршената ревизија е изразено мислење со резерва за вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со релевантната законска регулатива. И покрај преземените активности за спроведување на дадените препораки од претходните ревизии и понатаму постојат слабости и потребни се системски подобрувања. Ревизијата нагласува дека ненавремената уплата на средства по основа на придонеси од надлежните институции, влијае врз ликвидноста на Фондот, со што е отежнато навременото сервисирање на обврските на здравствените установи, во рамки на договорените надоместоци, се наведува во Извештајот.
Според ДЗР, заклучно со февруари 2026 година, неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 8.415.865 илјади денари (приближно 137 милиони евра), при што постојано се зголемува разликата помеѓу планираните средства и нивната реализација. Поради недоволно обезбедени буџетски средства, неисплатените средства од Министерството за здравство по основа на придонес за неосигурените лица, на крајот на 2024 година изнесува 2.136.300 илјади денари (приближно 35 милиони евра).
-Ревизијата утврди дека во функционирањето и развојот на информацискиот систем на Фондот и понатаму постојат предизвици поврзани со отсуство на стратешки документи, недоволно кадровски капацитети, делумна функционалност на одделни модули и ограничени можности за нивна понатамошна надградба. Истовремено, доцни воспоставувањето на системот за електронски рецепт, а постојните системски контроли во процесот на издавање и фактурирање на рецептите не обезбедуваат доволно ниво на контрола. Утврдени се слабости во контролите кои ги спроведува Фондот врз вршењето и фактурирањето на здравствените услуги од страна на здравствените установи. Нецелосната поврзаност на информацискиот систем на Фондот со системот „Мој Термин“ и нецелосната информатичка поддршка на процесот на следење, пресметување и исплата на надоместоците на избраните лекари, како и недоволната координација помеѓу организационите единици, отсуството на планирање на контролите врз основа на анализа на ризик и недоволниот број на лекари-контролори го ограничуваат обемот и ефикасноста на контролите и не обезбедуваат целосна потврда за реално извршените здравствени услуги, наведува ДЗР.
Ревизијата утврди и дека во 2024 година се извршени вкупно 44 контроли во установите кои вршат болничка здравствена заштита, при што, кај речиси половината се утврдени неправилности.
-Најголем дел од контролите се вршат во јавните установи, додека кај приватните болници, каде висината на исплатите зависи од обемот на извршените услуги, контролите се недоволни. Започнатите активности за дигитализација и воведување софтверски модул за планирање на контролите не се завршени поради неисполнети технички и организациски предуслови. Во областа на јавните набавки, утврдени се слабости во планирањето и спроведувањето на ИТ набавките. Кај 17 од 20 ревидирани постапки е доставена само една понуда, при што ревизијата укажува дека дел од условите и техничките барања не биле целосно сразмерни со предметот на набавката, што влијаело врз конкуренцијата. Дополнително, набавениот модул за прием и контрола на фактури за странско осигурување, иако е испорачан и формално прифатен, не е ставен во функција, бидејќи не одговара на потребите на работењето. Поради тоа, финансиската документација со странските фондови и понатаму се обработува рачно, што ја намалува ефикасноста на процесот и го зголемува ризикот од пропусти и неажурност, стои во Извештајот.
