Skip to main content
Хроника

Уапсен Македонец во Црна Гора: Баран за обид за убиство на член на Шкаљарскиот клан

28/07/2026  15:58

Црногорската полиција уапсила 19-годишен државјанин на Македонија, кој бил баран со меѓународна потерница поради сомнение дека се обидел да убие лице кое, според безбедносните служби, е поврзано со Шкаљарскиот клан.

Според информациите од црногорската полиција, Александар Танасковски бил лоциран и уапсен во стан во населбата Видрован во Никшиќ. Во истата акција бил приведен и 34-годишниот Нено Марковиќ од Никшиќ, осомничен дека му обезбедувал засолниште и му помагал да се крие.

Танасковски се сомничи за обид за убиство извршен на 7 август 2025 година во комплексот на хотелот „Маестрал“ во Будва. Цел на нападот, според истрагата, бил 56-годишниот Марко Љубиша-Кан, кого безбедносните служби го поврзуваат со Шкаљарскиот клан.

Како што наведува полицијата, осомничениот наводно испукал два куршума кон Љубиша-Кан, кој во нападот се здобил со повреди во пределот на главата.

Покрај за обид за убиство, против 19-годишниот македонски државјанин се води постапка и за недозволено носење оружје и фалсификување исправа.

Истрагата покажала дека при подготовката на нападот била користена фалсификувана лична карта на име на лице со иницијали Ј.Г. од Србија. Со документот осомничениот наводно бил пријавен во хотел во близина на местото каде што подоцна бил извршен нападот.

Од црногорската полиција соопштија дека против двајцата осомничени ќе бидат преземени понатамошни законски мерки во согласност со текот на истрагата.