
Контрадикторни информации, задоцнети реакции и сериозни прашања за начинот на кој со недели се следел квалитетот на водата во Гостивар произлегоа од денешната заедничка прес-конференција на директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Ивана Гиновска и министерот за животна средина, Муамет Хоџа.
Иако истрагата на Обвинителството утврди дека диви пумпи од 25 јуни до 16 јули вбризгувале фекално загадена вода во централниот водоводен систем, од АХВ тврдат дека последните официјални лабораториски анализи покажувале дека водата е исправна за пиење.
„Последниот извештај за водата во Гостивар е од 13 јули годинава од Центарот за јавно здравје – Гостивар и тогаш водата била безбедна за пиење“, изјави директорот на АХВ, Оливер Миланов.
Ова дополнително ја продлабочува дилемата како е можно речиси три недели фекално загадена вода да се вбризгува во системот, а официјалните анализи да покажуваат дека таа е безбедна. Според информациите од обвинителската истрага, водата содржела бактерии и до 48 пати над дозволените граници.
Дополнителен сомнеж предизвикува и фактот што на 29 јуни Центарот за јавно здравје – Тетово изготвил мислење според кое водата ги исполнувала сите бактериолошки и хемиски параметри, иако според истрагата контаминацијата веќе била присутна во системот.
Од АХВ информираа дека веќе се преземаат мерки за нормализирање на состојбата, при што до Општина Гостивар се издадени наредби за итно спроведување на дехлорирање и деарсенизација со цел граѓаните што побрзо да добијат техничка вода.
Во меѓувреме, инспекциските служби се на терен и вршат контроли низ целиот град. Вчера биле земени примероци за анализа од јавна чешма, две детски градинки, Општата болница, црква, џамија и угостителски објект.
АХВ најави и ригорозни санкции за сите угостителски објекти кои ќе продолжат да користат вода од водоводната мрежа за пиење или подготовка на храна, а не се исклучува ниту нивно привремено затворање.
Според контролите извршени на 16 јули во пречистителната станица во Вруток, било утврдено дека диви пумпи директно вбризгувале сурова површинска вода од реката Вардар во затворениот водоводен систем, што отвора сериозни прашања за тоа колку долго траела контаминацијата и дали институционалните контроли навремено ја откриле опасноста.

