Skip to main content
Свет

Најмалку 11 загинати во Газа во израелски напади и покрај примирјето

19/07/2026  14:34

Најмалку 11 лица, меѓу кои брачен пар и три од нивните деца, загинаа во новите израелски напади врз Појасот Газа, и покрај примирјето меѓу Израел и Хамас што стапи во сила во октомври 2025 година, соопшти Службата за цивилна одбрана во енклавата.

Петчленото семејство загинало вчера кога при воздушен напад бил погоден стан во северозападниот дел на градот Газа, соопшти службата, која работи под управа на палестинското движење Хамас.

– Единствениот преживеан од семејството е едно дете, кое во моментот на нападот не било во станот – изјави портпаролот на Цивилната одбрана, Махмуд Басал. Телата на петтемина загинати биле пренесени во болницата „Ал Шифа“, каде што официјално ја потврдиле информацијата за жртвите.

Портпарол на израелската армија изјави дека во градот Газа бил изведен таргетиран напад „насочен кон припадник на Хамас“, додавајќи дека резултатите од воената операција сè уште се анализираат. Од друга страна, жителот на Газа, Муса ал Ајмави, истакна дека нападот бил извршен без никакво претходно предупредување.

– Одеднаш ракета ја погоди зградата. Никој не го очекуваше тоа. Насекаде имаше тела – загинати жени, деца и постари луѓе – додаде овој очевидец.

Уште три лица загинале при израелски напад врз група цивили во населбата Зејтун во градот Газа, соопшти Цивилната одбрана, а информацијата исто така беше потврдена од медицинскиот персонал во болницата „Ал Шифа“. Неколку часа подоцна, Басал соопшти дека една жена загинала во истата населба при израелско артилериско гранатирање на шатор во кој биле сместени раселени лица. Во овој напад неколку лица се повредени, а уште три лица и натаму се водат како исчезнати под урнатините. Локалните здравствени власти соопштија и за уште две жртви во други одделни израелски напади во текот на денот.

Во согласност со мировниот план предложен од САД, Израел и Хамас во октомври минатата година потпишаа договор за прекин на огнот, но оттогаш двете страни речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово сериозно прекршување. Според податоците на Министерството за здравство во Газа, кои Обединетите нации ги сметаат за релевантни и за веродостојни, најмалку 1.144 Палестинци загинале од стапувањето во сила на договореното примирје.