Skip to main content
Македонија

Топлотен бран ја зафаќа Македонија и целиот регион, следува викенд со високи температури

18/07/2026  11:33

Македонија викендов ќе биде зафатена од нов бран на високи температури, поради што целата територија на државата е ставена во жолта предупредувачка фаза. Во сабота и недела се очекува значително затоплување, а максималните дневни температури ќе се движат од 32 до 39 степени Целзиусови.

Најтопло ќе биде во јужните и централните делови на земјата, додека во Скопје и околината температурата ќе достигне околу 38 степени.

Метеоролозите најавуваат претежно сончево време со мала до умерена облачност. Во западните предели повремено ќе дува засилен ветер од западен правец, кој локално може да придонесе за краткотрајно освежување.

И покрај високите температури, во попладневните часови ќе постојат услови за локален развој на нестабилна облачност. На одделни места се можни краткотрајни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер.

Надлежните препорачуваат граѓаните да избегнуваат подолг престој на отворено во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да бидат особено внимателни доколку припаѓаат на ранливите категории на население.