
Соединетите Американски Држави денеска соопштија дека Стратешкиот дијалог со Косово ќе продолжи откако Приштина ќе ги исполни условите, вклучително и обврските преземени кон српската заедница, јави српската редакција на Радио Слободна Европа.
– Остануваме посветени на зајакнувањето на заедничките интереси на САД и народот на Косово. Со задоволство ќе го започнеме Стратешкиот дијалог со Косово кога ќе бидат исполнети соодветните услови, вклучително и спроведувањето на обврските на Косово кон косовските Срби – изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент.
Стратешкиот дијалог меѓу САД и Косово беше замрзнат во 2025 година поради, како што беше наведено, „загриженоста поврзана со постапките на Владата на Косово“.
Од Стејт департментот не прецизираа кога би можел да биде обновен дијалогот, ниту кои конкретни чекори се очекуваат од косовските власти.
Одговорот на американската администрација следува во денот кога во Вашингтон започна првата рунда од Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија, насочен кон продлабочување на соработката во областа на безбедноста, економијата и надворешната политика.
Воедно, Србија денеска официјално се приклучи на вселенската програма „Артемида“ во седиштето на НАСА во Вашингтон. Документот за пристапување го потпиша српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ, кој оцени дека станува збор за историски ден за српската наука.
„Преку овој дијалог САД и Србија ќе работат на остварување на заедничките цели, меѓу кои се регионалниот мир и стабилност, продлабочувањето на врските во областите како вработувањето и образованието, како и изградбата на просперитетна иднина“, изјави портпаролот на Стејт департментот.
САД го замрзнаа Стратешкиот дијалог со Косово на 12 септември 2025 година на неопределено време. Американската амбасада во Приштина тогаш соопшти дека одлуката е донесена поради „загриженоста поврзана со постапките на актуелната Владата“, кои, според Вашингтон, довеле до зголемување на тензиите и на нестабилноста и ја ограничиле можноста за продуктивна соработка.
Одлуката уследи по мерките што косовските власти ги презедоа против српските институции кои функционираат на територијата на Косово.
САД, како и Европската Унија, очекуваат Косово да ги спроведе договорите постигнати во дијалогот со Србија, вклучително и формирањето на Заедницата на српските општини, обезбедувањето одредено ниво на самоуправа за српската заедница во Косово, како и решавањето на споровите меѓу Косово и Српската православна црква.
Србија не ја признава независноста на Косово, прогласена во 2008 година, а двете страни водат дијалог за нормализација на односите под покровителство на Европската Унија.

