Skip to main content
Македонија

Ужас во Гостивар, илјадници затруени, ОЈО го проверува водоводот

17/07/2026  13:01

Помеѓу 150 и 1000 лица во Гостивар деновиве се пожалиле на цревни проблеми, дијареа и повраќање, со што се вклучи алармот за вонредна проверка на квалитетот на водата за пиење.

Вчера околу 18:20 часот, инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, постапувајќи по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, презедоа итни мерки и активности на терен во село Вруток, поради сомневање за загадување на водата со која се снабдува градот Гостивар.

Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот. Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик.

Во расчистувањето на овој случај, покрај полицијата и обвинителството, веднаш се вклучија и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем.