
Пишува: проф. д-р Иван Анастасовски
Во секое демократско општество, парламентот не е само политичка институција во која се носат закони, туку и простор во кој се обликува политичката култура на една држава. Начинот на кој комуницираат пратениците, нивната способност да водат аргументирана дебата и подготвеноста да постигнат компромис претставуваат показател за демократската зрелост на политичкиот систем. Оттука, прашањето како да изградиме парламентарна култура не е само политичко, туку и општествено прашање од највисок интерес.
Во последните години, сведоци сме дека парламентите во многу држави, вклучително и во Македонија, сè почесто стануваат арена на политички конфликти, меѓусебни навреди и блокади. Наместо натпревар на идеи, јавноста често гледа натпревар во политичка дискредитација на политичкиот противник, се со цел да се обезбеди уште еден манадат (некои само тоа знаат да работат). Таквата практика не само што ја намалува довербата на граѓаните во институциите, туку испраќа порака дека политиката е поле на конфронтација, а не на решавање на јавните проблеми.
Парламентарната култура започнува со почитување на институцијата, пратеникот не го претставува само својот политички субјект, туку и граѓаните кои му ја довериле својата поддршка. Затоа, секој негов настап треба да биде воден од чувство на одговорност, достоинство и почитување на различното мислење. Демократијата не бара сите да мислат исто, туку да знаат да разговараат различно.
Еден од најголемите предизвици е надминување на политичката поларизација. Политичките партии природно се натпреваруваат со цел да задржат или освојта власт, но таа конкуренцијата не смее да се претвори во непријателство. Развиените демократии покажуваат дека најважните државни прашања – уставните реформи, европските интеграции, националната безбедност и економските стратегии се решаваат преку широк политички консензус. Постигнување на широк политички консензус денес е тест за политичките лидери, а воедно и доказ за нивната пред се политичка зрелост.
Изградбата на парламентарна култура подразбира и почитување на процедурите. Деловникот не смее да биде средство за политички манипулации, туку гаранција дека секој ќе има можност да ги изложи своите аргументи. Злоупотребата на процедурите, бесконечните блокади и политичките опструкции можеби носат краткорочен партиски интерес, но долгорочно ја ослабуваат институцијата.
Особено значајна е културата на политички дијалог. Дијалогот не значи откажување од сопствените ставови, туку подготвеност тие да се бранат со аргументи, а не со навреди. Кога аргументите ќе бидат заменети со лични дисквалификации, парламентот престанува да биде место на демократска дебата и станува сцена на политички спектакл.
Одговорноста за парламентарната култура не лежи само кај пратениците, туку и политичките партии и нивните лидери имаат обврска да селектираат кадри кои поседуваат интегритет, комуникациски способности и познавање на парламентарните процедури. Истовремено, медиумите и граѓанскиот сектор треба да ја поттикнуваат културата на аргументирана расправа, а не да ја наградуваат сензационалноста и конфликтот.
Значајна улога има и политичката едукација. Во многу европски парламенти, новоизбраните пратеници минуваат низ програми за парламентарна етика, законодавна постапка и комуникациски вештини. Таквите практики не ја ограничуваат политичката слобода, туку придонесуваат кон поголема институционална ефикасност.
Конечно, парламентарната култура се гради преку личен пример. Кога најистакнатите политички личности покажуваат почит, умереност и способност за дијалог, тие создаваат стандарди што постепено стануваат дел од политичката традиција. Демократијата не се мери само според бројот на изборите, туку и според квалитетот на политичката комуникација.
Македонија има потреба од парламент кој ќе биде симбол на демократски дијалог, а не на политичка конфронтација. Изградбата на парламентарна култура е долг процес што бара политичка волја, институционална одговорност и свест дека интересот на државата мора да биде над партискиот интерес. Само парламент во кој доминираат аргументите, заемната почит и подготвеноста за компромис може да ја врати довербата на граѓаните и да стане вистински двигател на демократскиот развој. Во време на силни политички поделби, токму парламентарната култура е најважниот капитал што една демократија може да го изгради.
