
Во Албанија стапи во сила законот за амнестија, со која се опфатени над 1.300 затвореници, од кои 466 лица, меѓу кои 11 жени и еден малолетник, ќе бидат веднаш ослободени од затвор, додека за 869 лица казната е намалена, вклучувајќи осум жени и осум малолетници.
Според законот, мажите осудени со правосилна судска одлука до 3 години затвор, или каков било вид поблага казна, вклучувајќи парична казна или алтернативи на затвор, за казни изречени до 31 мај 2026 година, без оглед на преостанатото време во казната, се ослободени од издржување на казната.
Затвореничките кои имаат полза од амнестијата се оние кои се осудени на казна затвор до 4 години или поблаги казни, за судски одлуки донесени до 31 мај 2026 година.
-Во категоријата корисници спаѓаат и осудениците од машки пол кои, по стапувањето во сила на законот, наполниле или надминале 60 години, како и осуденичките кои имаат 50 години или повеќе, без оглед на казната, но не и кога се во затвор за сериозни кривични дела кои се исклучени од амнестијата. Друга категорија која има корист од амнестијата се осудените лица кои, во времето на извршување на кривичното дело, имале 18 години или биле помлади, објави Управата на албанските затвори.
Од амнестијата се исклучени лицата осудени од Специјалниот суд против корупција и организиран криминал, сторители на тешки кривични дела, вклучувајќи намерно убиство и кривични дела против животот, против човештвото, силување и сексуални кривични дела, трговија со луѓе и многу други тешки кривични дела.


