Skip to main content
Македонија

Ристоска: Единствената цел е да се спречи конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во „Талир 2“

15/07/2026  22:50

Поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска оцени дека текот на настаните во предметот „Талир 2“ оди во насока на отежнување на можноста обвинителството да бара конфискација на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во посебна постапка. Нејзината реакција следува по вчерашната ослободителна пресуда и одбиеното барање за конфискација на имотот.

Ристоска, која седум и пол години го водеше предметот пред да ѝ биде одземен по изборот на актуелниот државен јавен обвинител Ненад Савески, посочува дека истите докази кои претходно резултирале со осудителна пресуда, сега довеле до ослободителна одлука.

Таа потсетува дека во првата постапка судот донел осудителна пресуда за умислено кривично дело, при што биле утврдени целта и намерата на обвинетите. Според неа, тешко може да се оправда сегашниот став дека немало докази за намерата, кога истите тие докази претходно биле оценети како доволни за осуда.

Ристоска нагласува дека измените на Кривичниот законик имале влијание врз предметот, поради што обвинителството извршило измена на обвинението. Во него било вметнато ново дејствие кое се однесува на законската обврска на Никола Груевски, како претседател на политичка партија, да ги врати средствата добиени од „Бетон“ во Буџетот и да ја надомести разликата помеѓу вредноста на објектот и реалната вредност на земјиштето.

Според неа, овој дел од обвинението не бил опфатен со декриминализацијата и кривичната одговорност останува според важечките законски одредби, особено имајќи предвид дека користа од спорните дејствија завршила кај политичката партија.

Ристоска посочува дека судот во своето образложение навел дека доказите и нивната оценка останале непроменети, но сепак резултирале со спротивен исход во однос на претходната постапка.

Дополнително, таа предупредува дека предметот влегува во завршна фаза на застарување во август годинава, што значително го ограничува времето Апелациониот суд мериторно да одлучува по евентуална жалба.

„Конфискацијата на имот е можна кога кривичното гонење ќе застари, но не е можна по правосилна ослободителна пресуда“, посочува Ристоска.

Таа смета дека донесувањето на првостепената ослободителна пресуда во ваков временски период директно ја отежнува можноста обвинителството да поведе посебна постапка за конфискација на имотот.

Во својата реакција, Ристоска открива и дека на едно од последните рочишта застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побарале одлагање поради нивно отсуство, иако нивното присуство не било законски задолжително. Обвинителството не се спротивставило на барањето, а судот не реагирал по службена должност, поради што рочиштето било одложено.

Според неа, сите овие околности придонеле предметот да заврши само со првостепена одлука, без да се остави доволно време Апелациониот суд да одлучува пред настапувањето на застареноста.

„Единствената цел на ваквото постапување е отежнување на понатамошната постапка за конфискација на имотот“, оценува Ристоска, додавајќи дека осудата на Никола Груевски е од секундарно значење во случајот, бидејќи кривичниот прогон и онака би застарел, додека суштинското прашање е судбината на имотот стекнат од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа вели дека сите околности го потврдуваат нејзиното уверување дека предметот ѝ бил одземен со цел да се стигне до посакуваниот исход – избегнување на конфискацијата на имотот.

Ристоска очекува обвинителството да поднесе жалба во интерес на конзистентноста на постапката и разјаснување на сите правни дилеми поврзани со случајот „Талир 2“.