Skip to main content
Македонија

Тројца управители и фирма осомничени за даночно затајување и прикриена продажба од 14,5 милиони денари

14/07/2026  10:41

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три физички лица и едно правно лице поради сомнение дека сториле кривично дело „даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик.

Според пријавата, првоосомничениот Д.П. како управител, заедно со сопственикот и овластен потписник на банкарската сметка Г.З. и поранешниот сопственик И.Ѓ., во април 2024 година договориле и реализирале продажба на линија за производство на кабли во вредност од 14.514.000 денари, без трансакцијата да биде евидентирана во сметководствената документација на компанијата.

Истрагата покажала дека дел од средствата добиени од продажбата, во износ од 2.701.189 денари, биле префрлени на лични банкарски сметки и сметки на блиски лица, без тие трансакции да бидат прикажани во деловните книги на фирмата.

Дополнително, дел од продажбата бил реализиран преку компензација со патничко моторно возило во вредност од 1.537.500 денари и кабли во вредност од 1.516.500 денари. Ниту овие средства и предмети не биле евидентирани во сметководството, а при контролите не биле пронајдени кај правното лице.

Финансиската полиција утврдила и дека управителот, постапувајќи во име и за сметка на компанијата, не ги отпишал ниту ги оданочил неплатените обврски кон домашни и странски добавувачи од 2022 година, кои достигнувале вкупно 17.380.716 денари.

Со ваквите дејствија, според пријавата, осомничените не пресметале, не пријавиле и не уплатиле данок на додадена вредност во износ од 272.970 денари, данок на добивка од 3.764.991 денари и данок на личен доход од 639.401 денари.

Вкупната штета нанесена на Буџетот на Република Северна Македонија изнесува 4.677.362 денари, поради што против осомничените е поднесена кривична пријава, а за случајот понатаму ќе постапува Основното јавно обвинителство Скопје.