Skip to main content
Македонија

Левица: Работниците умираат – Мицкоски се смее! 

14/07/2026  09:46

Соопштение за јавност на Левица:

На собраниската расправа за реконструкцијата на Владата, додека претседателот на Левица, Димитар Апасиев, говореше за скоро дуплираниот број на загинати работници во Македонија, премиерот Христијан Мицкоски од своето место континуирано дофрлаше навреди и пцовки, а во текот на говорот и цинично се смееше. 

„Зборувам за смрт на работници, а вие се смеете”, му порача Апасиев од собраниската говорница.

Во Македонија речиси и да нема месец без нова работничка трагедија. Во само неколку месеци, бевме сведок на загинати работници на градилишта, масовно труење на 44 работници во „Микросам”, труење на работници во фабрика во ТИРЗ-Штип, сведоштва за затруени и малтретирани работници во „Кромберг и Шуберт”, како и бројни случаи на небезбедни услови за работа кои институциите ги констатираат дури откако ќе се случи трагедијата – а неретко ниту тогаш. 

Заедничко за сите овие случаи е што работниците секогаш ја плаќаат највисоката цена, додека одговорноста ретко стигнува до оние кои профитираат од ваквиот систем.

Македонија денес е држава во која една група луѓе го создава општественото богатство, а друга ги присвојува неговите плодови. Денес, работникот е последната алка во синџирот на интереси. Од него се очекува да произведува, да молчи и да прифаќа сѐ – небезбедни услови, понижување, несигурност, па и ризикот да не се врати жив дома.

Кога работникот ќе загине, товарот го носи неговото семејство; кога капиталот ќе профитира, добивката останува приватна. Вчерашната сцена во Собранието само покажа на која страна стои оваа власт.

Истата власт што со месеци водеше конфликт со синдикатите наместо преговори, што минималната плата ја препушта на „договор” меѓу работникот и работодавачот, што има разбирање за интересите на капиталот, а не и за барањата на трудот, денес одлучи да се смее додека се зборуваше за загинати работници. Во таков политички систем, човечкиот живот не е почетна точка на политиката, туку променлива што се појавува дури кога ќе стане статистика.

Левица нема дилема на која страна стои. Безбедноста при работа, инспекцискиот надзор, синдикалните права, достоинствената плата и животот на работникот се прашања околу кои најјасно се гледа класната поделба во политиката. На едната страна се промоторите на капитализмот, кој човечкиот живот го сведува на трошок, а профитот на врховна вредност. На другата страна е Левица, која политиката ја гради врз достоинството на трудот и заштитата на работничката класа.