Пендаровски и Сиљановска ја почитуваат волјата на неопределените, но очекуваат овојпат добро да размислат

– На ТВ-соочување на претпоследниот ден од изборната кампања, кандидатите за претседател на државата Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова очекуваат гласачите в недела да ја препознаат предноста на нивните програми.

Во дуелот во емисијата „Само вистина” на ТВ Канал 5, Пендаровски рече дека граѓаните без оглед на припадноста овојпат многу добро ќе размислат дека влогот на овие избори е дали ќе одиме напред или, како што рече, ќе се вратиме назад кон ревизија на клучни документи со кои е направена кохезија и се отвора вратата кон европската перспектива.

Сиљановски порача дека е крајно време да гласаат за личност. Да ставиме крај, рече таа, на просечните и на тие кои глумат реформи. – После Берлин, јасно е дека оваа власт ниту знае, ниту има намера да понуди вистински реформи. Јас сум роден реформатор, истакна Сиљановска,

И двајцата очекуваат да ги придобијат гласовите на неопределените, разочараните што не излегле во првиот круг, како и од граѓаните Албанци што во првиот круг гласаа за кандидатот Блерим Река, притоа нагласувајќи дека не се за трговија со гласови и го почитуваат слободниот  избор на секој гласач.

Пендаровски очекува подобри резултати и од четирите албански партии кои од почетокот стојат зад него. Смета дека гласачите Албанци нема да ја поддржат противкандидатката затоа што, рече, нејзиниот концепт е етноцентричен и ќе бара ревизија на Законот за јазици и на Рамковниот договор.

Сиљановска пак, смета дека закон е донесен по скратена постапка и е прекршена цела процедура на донесување.-На албанските граѓани им треба закон кој не е неуставен и кој е донесен во процедура. Јас имам респект кон гласот на секој граѓанин и им се обраќам на граѓаните Албанци. Секогаш се повикувам на индивидуите, за разлика од мојот противкандидат кој велеше дека му биле одземени гласови во прв круг што му припаѓале нему, рече Сиљановска.

Во дуелот тие се обвинуваа за политиките на оваа власт во изминатите две години и за она што партијата што  ВМРО-ДПМНЕ, поддржувачот на Сиљановска, го направила во 11 години.

– Од 2015, со формирањето на СЈО,  почна да се испорачува правдата. Има обвинителни акти и преку него се направени огромни исчекори,  но мака мачиме со ВМРО-ДПМНЕ како да му се продолжи векот во рамките на Јавното обвинителств, рече Пендаровски.

Сиљановска, пак не се согласи дека има реформи. – Далеку од вистината е дека Македонија направила реформи во судството. Има само актерство, преправање. импровизација, рече Сиљановска.

Тие полемизираа и за законот за амнестија. Според Пендаровски,  законот за учесниците во „27 април” бил одлично  балансиран зашто не им дал шанса на организаторите, вооружените и насилниците во Собранието. Сиљановска смета дека е недозволиво  селективен и дека Законот за амнестија не може да се трансформира во нешто како закон за помилување.

На прашањето кое е името на земјава, Сиљановска рече „во Уставот преговарачите ја нарекоа Република Северна Македонија” но дека таа има право на самоопределување: „Јас немам намера да кршам, да преместувам, но јас тој термин нема да го употребувам зашто е спротивен”. Според неа, се што е донесено по референдумот е неуставно, наспроти Пендаровски кој рече дека Преспанскиот договор е одличен зашто ги отвора евроатлантските перспективи.

Пендаровски во дуелот рече и  дека долго се чека на извештајот на Јавното обвинителство за начинот на бегството на Груевски и дали некој му помогнал да ја напушти земјава.  – И јас го очекувам извештајот од ЈО. Недозволиво е  толку долг период да чекаме на финален извештај од Обвинителството, рече Пендаровски.

Треба да знаете
Последни објави