Skip to main content
Македонија

Мисајловски: Реконструкција и градежна офанзива во повеќе касарни

13/07/2026  14:08

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во армиската касарна во Ќојлија изврши увид на градежните активности кои во моментов се реализираат на објект во оваа касарна. Проектот тежи 10,7 милиони денари, обезбедени со буџетот на одбраната. Овој објект минатата година доби целосно нова кровна конструкција.

Мисајловски при увидот порача дека прекинува праксата на неинвестирање во армиската инфраструктура и дека посветеноста кон менување на состојбите може да се види и преку објектот во касарната во Ќојлија каде се врши целосна внатрешна реконструкција – прозори, врати, подна облога и реконструкција на сите санитарни јазли во објектот.

„Моментално присутни во сите касарни…Се работи и во Велес, се заменуваат покривите насекаде во касарните, правиме нови капацитети во Прилеп согласно модернизацијата, посебни капацитети за тие возила, исто така за артилеријата итн. Се надевам дека набрзо и во Штип ќе дојдете да видите дека целосно направивме таму целосно нови објекти, но продолжуваме и со нови технички документации за следната година“, рече министерот. Додаде дека приоритетите се поставуваат од страна на Армијата и дека ќе се инвестира согласно одбранбениот буџет кој ќе продолжи да расте.

Министерот истакна дека во моментов се работи, а ќе се започнат активности и на дополнителни големи инфраструктурни зафати низ сите армиски касарни, како и Воениот стадион, Военомедицинскиот центар, Домот на Армијата, Воената академија.

Изминатиот период реализирани се дваесетина инфраструктурни проекти во вредност од над 3,1 милиони евра, додека во фаза на реализација се пет проекти во повеќе касарни со вредност од над 850.000 евра. Во овој момент идентичен проект како оној во касарната во Ќојлија се реализира и во велешката касарна.

Во Ќојлија, министерот ги посети и припадниците на Инженерскиот баталјон кои се стационирани во оваа касарна. Армиските инженерци неодамна добија и нова инженериска механизација пристигната во рамките на првиот пакет поддршка преку Европскиот мировен фонд.