Skip to main content
Хроника

Успешна спасувачка акција на Матка: Изгубен романски државјанин безбедно извлечен

12/07/2026  11:35

Романски државјанин беше успешно пронајден во раните утрински часови по ноќна спасувачка акција во кањонот Матка, откако преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пријавил дека се изгубил во близина на пештерата Врело, на подрачјето на Општина Сарај.

По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш ги активирал сите надлежни институции. За случајот биле известени Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Северна Македонија, со цел што побрзо организирање на спасувачка акција.

Операторите на ЦУК во текот на целата акција одржувале постојана комуникација со изгубениот турист и, користејќи ги координатите и податоците добиени преку повикот на 112, успеале да ја утврдат неговата приближна локација. Истите информации веднаш биле проследени до МВР, а на лицето му било укажано да остане на местото каде што се наоѓа, бидејќи движењето во темнина низ непристапниот терен би претставувало дополнителен ризик.

Полициски службеници од ЕВР Ѓорче Петров и Полициската станица Сарај, во координација со ЦУК, организирале теренска потрага. Поради сложениот и непристапен терен од страната на Матка, спасувачките екипи до местото пристапиле преку Националниот парк Јасен.

Во акцијата активно учествувал и директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, кој со теренско возило им се приклучил на полициските екипи.

Спасувачката акција завршила успешно во 03:45 часот, кога романскиот државјанин бил лоциран и безбедно извлечен. Според информациите од ЦУК, лицето било видно испаничено и дезориентирано, но било во стабилна здравствена состојба.

По извлекувањето, туристот бил пренесен во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи ги презело понатамошните постапки согласно законските процедури, имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин.