Skip to main content
Македонија

Катастрофален ревизорски извештај за Агенцијата за вработување – Местени тендери, исплати без докази и фаворизирање

09/07/2026  17:12

Државниот завод за ревизија (ДЗР) ѝ даде најлоша можна оценка – „неповолно мислење“ – на Агенцијата за вработување за нејзиното работење во 2024 година, откривајќи серија системски слабости, сомнежи за фаворизирање, незаконски исплати и неефикасно трошење на јавните средства.

Во извештајот ревизорите наведуваат дека дури 77,46 проценти од средствата исплатени за адвокатски услуги завршиле кај еден адвокат. Дополнително, дел од фактурите биле исплатени без соодветна документација која би потврдила дека услугите навистина биле извршени.

Ревизијата утврдила и неправилности во распределбата на средствата за самовработување. Наместо рамномерна распределба, Управниот одбор фаворизирал поголеми плански региони, меѓу кои Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и Куманово, на штета на регионите со намалување на населението.

Сериозни забелешки има и за јавната набавка за напредни ИТ-обуки. Според ревизорите, тендерските услови биле поставени така што фаворизирале конкретна компанија, бидејќи барале специфични сертификати што ги поседувал само еден понудувач. За оваа програма биле потрошени околу 86 милиони денари, но резултатите биле поразителни – од 735 кандидати што полагале, испитот го положиле само 184, односно околу 25 проценти.

Извештајот покажува и дека Агенцијата не го почитувала Законот за практиканти, исплаќајќи надоместок под законскиот минимум, како и дека набавувала канцелариски материјал и телефонска опрема по значително повисоки цени од пазарните.

Ревизорите утврдиле и дека членовите на Управниот одбор добивале парични надоместоци и за месеци во кои воопшто не биле одржани седници. Само по овој основ во 2024 година биле исплатени 377 илјади денари.

Дополнително, Агенцијата користи три објекти во Велес, Берово и Скопје со вкупна вредност поголема од 54 милиони денари, за кои нема уредна имотно-правна документација, што, според ревизорите, претставува сериозен правен и безбедносен ризик.

Извештајот укажува и дека институцијата не го почитува Законот за внатрешна финансиска контрола. Наместо законски предвидените пет ревизори, секторот располага само со двајца, при што едниот извршува и други работни задачи, што значително ја намалува ефикасноста на внатрешната контрола.

Ревизорите констатираат и дека Агенцијата покажува слаб напредок во спроведувањето на претходно дадените препораки. Од осумте препораки од извештајот за 2023 година, три воопшто не биле реализирани, а останатите се спроведени само делумно.