
Драматична полициска потера во Охрид заврши со трагичен исход, откако едно лице почина откако, според Министерството за внатрешни работи, проголтало пакување со наркотична материја во обид да ја сокрие од полицијата.
Од МВР информираат дека синоќа околу 22:30 часот, на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициски службеници се обиделе да запрат патничко возило „ренџ ровер“ со чешки регистарски ознаки, управувано од И.М. (32) од Охрид.
Наместо да застане, возачот продолжил да бега, но по преземени полициски мерки бил запрен и лишен од слобода.
При контролата, полицајците забележале дека сопатникот С.П. од Охрид проголтал пакување со наркотична материја, по што неговата здравствена состојба нагло се влошила.
На местото веднаш била повикана екипа на Итната медицинска помош, која го пренела во Општата болница во Охрид. И покрај напорите на лекарите, лицето починало.
По наредба на јавен обвинител, денеска ќе биде извршена обдукција на телото во Општата болница во Битола, која треба да ги утврди точните причини за смртта.
За случајот се води истрага, а полицијата презема дополнителни мерки за негово целосно расчистување.

