
Вистинска драма се одвивала во тетовското село Добарце, откако непознати лица фрлиле рачна бомба од возило во движење кон угостителски објект, при што две лица биле повредени.
Според информациите, нападот се случил во текот на ноќта. Сторителите се движеле со патничко возило „цитроен“, а при поминување покрај локалниот пат каде што се наоѓа ресторанот, активирале рачна бомба и ја фрлиле кон објектот.
Од силната експлозија повредени се 57-годишниот Е.А. од селото Чифлик и 60-годишниот Г.Ф. од селото Добарце, кои во моментот на нападот се наоѓале во кругот на ресторанот. Двајцата веднаш биле пренесени во Клиничката болница во Тетово, каде што им била укажана лекарска помош.
По пријавата, на местото на настанот излегле екипи на СВР Тетово, кои извршиле увид. Покрај трагите од експлозивната направа, криминалистичките техничари пронашле и чаури од пиштол, по што за случајот бил известен и дежурен јавен обвинител.
Полицијата презема интензивни мерки за идентификација на сторителите, пронаоѓање на возилото од кое била фрлена бомбата и целосно расчистување на случајот. Мотивите за нападот засега не се соопштени.


