Skip to main content
Македонија

ДПМНЕ ги одби амандманите на Левица за GPS контрола на службените возила, подобри услови за полицијата, конзулат во Корча и почеток на проектот ,,Чебрен”

08/07/2026  17:01

Соопштение на Левица:

На амандманската расправа по Предлог-ребалансот на Буџетот, парламентарното мнозинство предводено од ДПМНЕ ги одби и амандманите на Левица со кои се предлагаа мерки за поголема контрола врз користењето на службените возила, подобрување на условите во полициските објекти, отворање Конзулат во Корча и отпочнување на реализацијата на стратешкиот проект „Хидроелектрана Чебрен”.

Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, најпрво го образложи амандманот за набавка и имплементација на задолжителен GPS систем за мониторинг и контрола на службените возила. Според него, со ваквиот систем ќе се овозможи 24-часовен надзор врз користењето на службените возила, ќе може да се утврди кој управувал со нив и за какви цели биле користени, со што ќе се спречат злоупотребите за приватни и партиски активности, а истовремено ќе се намалат и трошоците за гориво и одржување.

На Комисијата беше одбиен и амандманот за враќање на средствата за реконструкција и опремување на објектите на Министерството за внатрешни работи. Образложувајќи го амандманот, Исмаил посочи дека особено полициските објекти во пограничните подрачја се во недостојна состојба, иако токму таму полицијата секојдневно се справува со ризиците од нелегална миграција, криумчарење и други безбедносни закани. Наместо кратење на средствата за подобрување на условите за работа на полицијата, Левица предложи тие да се обезбедат преку намалување на расходите за набавка на опрема и оружје за потребите на НАТО.

ДПМНЕ го одби и амандманот за отворање Конзулат на Република Македонија во Корча, за што Левица предложи да се издвојат пет милиони денари за изнајмување и опремување на дипломатско-конзуларно претставништво. Како што истакна Исмаил, отворањето на Конзулат во Корча беше повеќепати најавувано од Владата и претставува директно барање на македонското малцинство во Албанија, но и покрај тоа, досега не е преземена никаква конкретна активност. За разлика од повеќе други амандмани, средствата за оваа мерка беа предвидени со прераспределба во рамките на буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, без кратење на средства од други ресори.

Парламентарното мнозинство го одби и амандманот со кој Левица предложи издвојување почетни 100 милиони евра за отпочнување на реализацијата на проектот „Хидроелектрана Чебрен” како државен проект. Исмаил потсети дека со децении сите влади го претставуваат „Чебрен” како стратешки приоритет, но никогаш не обезбедиле буџетски средства за негов почеток. Тој предупреди и на опасноста, наместо проектот да остане под државна капа, повторно да заврши во приватни раце, како што се случуваше со бројни стратешки капацитети за време на транзицијата.

Според Левица, одбивањето на овие амандмани уште еднаш покажува дека Владата нема интерес да воведе механизми за контрола на трошењето на јавните ресурси, да обезбеди достоинствени услови за работа на македонската полиција, да ги исполни сопствените ветувања кон Македонците во Албанија и конечно да започне со реализација на стратешки државни енергетски проекти. Наместо политики што ќе ја зајакнат државата и ќе обезбедат поголема отчетност, парламентарното мнозинство повторно ги одби предлозите кои директно се во интерес на граѓаните.