Skip to main content
Македонија

Автопатот Скопје–Блаце со рок од четири години – „Гранит“ ќе го гради проектот

06/07/2026  14:12

Со потпишувањето на Договорот за инвестициски грант меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), официјално започнува нова фаза во реализацијата на автопатот Скопје–Блаце, проект кој Владата го оценува како еден од најзначајните инфраструктурни за поврзување на Македонија со регионот.

Грантот во вредност од 30,8 милиони евра е обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), а според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, проектот претставува важен чекор во реализацијата на стратешката визија Македонија да стане клучна сообраќајна и логистичка точка на Балканот.

„Навистина е убаво кога започнуваат нови проекти. Денеска го означуваме почетокот на изградбата на автопатско решение кое е дел од Трансевропската рута 6. Таа ќе ги поврзе Скопје и Приштина, а понатаму ќе продолжи кон Тирана, Драч и Бар. Со тоа кон Скопје се отвора уште едно пристаниште и нови можности за трговија, бизнис и развој на туризмот“, изјави Николоски.

Тој посочи дека проектот директно се надоврзува на визијата презентирана од премиерот Христијан Мицкоски во јуни 2024 година, според која Македонија треба максимално да ја искористи својата геостратешка положба на раскрсницата на паневропските коридори 8 и 10 и другите регионални транспортни правци.

„Иако немаме излез на море, преку вакви инфраструктурни проекти државата може да стане најважната стратешка точка на Балканот, преку која ќе се одвиваат трговијата, економската размена, туризмот и бизнисот“, нагласи Николоски.

Министерот информираше дека договорениот рок за изградба е четири години, но изрази уверување дека работите би можеле да завршат и пред предвидениот рок.

Посебно истакна дека за изведувач на проектот е избрана македонската градежна компанија „Гранит“, што, според него, претставува силна потврда дека домашните компании располагаат со капацитет за реализација на сложени инфраструктурни зафати.

Николоски упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, до вработените во Министерството за транспорт и Јавното претпријатие за државни патишта, како и до Европската Унија и Европската банка за обнова и развој за поддршката и партнерството во реализацијата на проектот.

Автопатот Скопје–Блаце ќе биде долг 10,5 километри и претставува еден од инженерски најкомплексните патни проекти во земјава. На трасата е предвидена изградба на околу 40 различни инфраструктурни објекти, меѓу кои мостови, надвозници, подвозници и потпорни конструкции, со цел обезбедување современа и безбедна патна врска меѓу Македонија и Косово.