
Еден пожарникар е повреден при интервенцијата за гаснење на големиот пожар што попладнево избувна во објект кај „Рампа“ во скопската населба Кисела Вода. Повредениот веднаш бил пренесен на скопските клиники, каде му е укажана лекарска помош.
Пожарот, кој предизвика голема вознемиреност кај жителите на овој дел од градот, благодарение на брзата и координирана интервенција на екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје, за кратко време бил ставен под контрола и целосно локализиран.
Со навремената реакција на пожарникарите било спречено огнот да се прошири кон околните објекти, со што е избегната поголема материјална штета и можна трагедија. Според информациите, во пожарот нема човечки жртви.
За интервенцијата се огласи и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој им се заблагодари на пожарникарите за нивната пожртвуваност и професионалност.
„Пожарот кој попладнево избувна во објект кај „Рампа“, благодарение на брзата, храбра и професионална интервенција на Противпожарната бригада на Град Скопје, во рекордно време е ставен под контрола и локализиран. Со тоа беше спречено негово проширување кон околните објекти и избегната е поголема трагедија. Фала Му на Бога, жртви нема. За жал, еден пожарникар е повреден при интервенцијата и веднаш е пренесен на клиника. Му посакувам брзо закрепнување и изразувам огромна благодарност за неговата пожртвуваност“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

