
Премиерот Христијан Мицкоски ги демантираше информациите дека Димитар Димовски ќе биде именуван за секретар за добро владеење во Владата.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски појасни дека Владата ќе има посебен секретар за добро владеење, но нагласи дека тоа нема да биде истото лице кое е задолжено за следење на реализацијата на владината програма.
„Јас никаде не кажав кој ќе биде тој што ќе го управува делот за добро владеење. Реков дека, како што ќе имаме секретар кој врши мониторинг на реализацијата на програмата на Владата, ќе имаме и секретар за добро владеење. Нема да биде истото лице“, изјави Мицкоски.
Во моментов, Димитар Димовски во Кабинетот на премиерот ја извршува функцијата секретар за јавни политики, координација и следење на реализацијата на програмата на Владата.
Осврнувајќи се на Димовски, кого јавноста го смета за еден од неговите најблиски соработници, Мицкоски рече дека својот став за него го има кажано повеќепати и не гледа причина повторно да го коментира.
„Димитар Димовски, како и десетици и стотици луѓе од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ кои беа дел од политичка хајка на криминалната влада на СДСМ и ДУИ, кои СЈО го користеа како политичка алатка, сум го коментирал многупати во минатото и нема да го коментирам“, рече премиерот.
Димовски беше условно осуден во предметот „Топлик“, кој се однесуваше на продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште. Тој беше обвинет и во случајот „Шпански скали“, поврзан со проектот „Скопје 2014“, но за тој предмет доби ослободителна пресуда од Основниот кривичен суд.

