Skip to main content
Македонија

Зајкова: По 11 дена, случај со седум убоди со нож доби пријава само за „насилство врз дете“

04/07/2026  13:37

Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова остро реагираше по одлуката на МВР, 11 дена по нападот врз 14-годишното момче во Ченто, да поднесе кривична пријава за кривичното дело „насилство врз дете“.

Во објава на Фејсбук, Зајкова посочува дека иако ваквиот напад може да содржи елементи на ова кривично дело, останува отворено прашањето дали во конкретниот случај постојат и елементи на потешки кривични дела, како што се тешка телесна повреда или обид за убиство.

„По 11 дена, МВР поднесува кривична пријава за ‘насилство врз дете’ за случај во кој дете е избодено седум пати со нож. Да, ваквиот напад може да содржи елементи на ова кривично дело, но вистинското прашање е дали истовремено постојат и елементи на потешко кривично дело – тешка телесна повреда или обид за убиство“, наведува Зајкова.

Таа додава дека доколку седум убоди со нож, оставање на жртвата беспомошна и бегство од местото на настанот не бараат најсериозна правна анализа и јасно образложение од надлежните институции, тогаш граѓаните со право ја губат довербата во правосудниот систем.

„Ако седум убоди со нож, оставање на жртвата беспомошна и бегство од местото на настанот не бараат најсериозна правна анализа и јасно образложение од надлежните, тогаш со право граѓаните ја губат довербата дека правдата е еднаква за сите“, порача Зајкова.