
Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија
Во текот на вчерашниот ден, на страниците на овој медиум, имав прилика со големо внимание и љубопитност да ја прочитам најновата колумна на почитуваниот проф. д-р Јове Кекеновски, под наслов: „Македонија живее во срцата на Измир“. Колумната претставува искрен и емотивен запис за неговата средба со потомците на иселениците од Македонија кои денес живеат во Измир. Исто така, воопшто не се сомневам во неговите добри намери, ниту во искрените чувства на луѓето што ги посетил. Напротив, секој оној што на некој начин потекнува од Македонија, вклучително и сите оние нашинци кои го негуваат македонскиот јазик, традиција и култура заслужуваат секаква почит и внимание пред сè од официјалните институции на Република Македонија.
Меѓутоа, бидејќи прашањето на етничката припадност е мошне чувствително, сметам дека професорот направил ризична генерализација, со тоа што од јазичната и културната поврзаност извлекува заклучок за етничката припадност на една многубројна и мошне хетерогена популација. Со други зборови, да се зборува македонски јазик не значи автоматски да се биде Македонец по етничка припадност. Јазикот секако дека е важен елемент на идентитетот, но не е негов единствен критериум. Историјата познава бројни примери на различни етнички заедници кои зборуваат ист јазик, исто како што постојат и народи што зборуваат различни јазици, а се чувствуваат како припадници на една иста нација.
Во конкретниот случај особено треба да се има предвид историскиот контекст на иселувањето на Турците, Албанците, Торбешите и Бошњаците од Југославија/ Македонија во Турција, во пеесеттите и шеесеттите години на минатиот век. Добро е познато дека, според тогашните околности и практики, еден од условите за иселување во Турција било лицата да се изјаснат и докажат дека се Турци. Тоа не значи дека сите тие биле Турци по етничко потекло, но истовремено не може да се занемари фактот дека тие не се изјасниле како Македонци, туку како Турци. Затоа овој факт мора да биде дел од секоја сериозна научна анализа.
Во конкретниот случај уште поважно е што во историската и етнолошката литература не постои единствен став за потеклото на торбешкото/ горанското/ помачкото население. Напротив, постојат најмалку две научни тези. Според првата, која ја застапуваат бројни автори од словенските научни средини, станува збор за словенско население – Македонци/ Бугари/ Срби, кои во османлискиот период преминале во исламската вера. Според втората теза, главно застапувана од турски автори и од поединечни истражувачи што потекнуваат од Торбешката заедница, тие претставуваат потомци на постари турски популации кои поради разни историски околности го прифатиле словенскиот јазик, а со доаѓањето на Османлиите на Балканот меѓу првите го прифатиле исламот, зачувувајќи го истовремено јазикот што до тогаш го зборувале.
Во оваа прилика не би навлегувал во тоа која од овие тези е поприфатлива, но самиот факт дека во врска со наведеното прашање во науката нема консензус е доволна причина никој да не донесува конечни заклучоци. Покрај историските дилеми, постои уште еден, можеби и најважен аргумент – современото чувство на припадност на припадниците на наведената етничка заедница. Имено, неоспорен факт е дека припадниците на торбешкото/ горанското/ помачкото население што денес живеат во Македонија, Албанија, Косово и Бугарија не се изјаснуваат еднообразно. Дел од нив се изјаснуваат како Торбеши/ Горани/ Помаци, други пак како Македонци, Турци, Албанци или Срби, а во одредени средини (во Албанија и Косово) има и лица кои се изјаснуваат како Бугари, пред сè од „лукративни“ причини. Самата оваа разновидност покажува дека не постои единствен национален идентитет што може однапред да им се припише на сите припадници на наведената етничка заедница.
Токму затоа сметам дека не е научно оправдано врз основа на познавањето на македонскиот јазик, зачувувањето на фолклорот или емотивната поврзаност со Македонија да се заклучи дека стотици илјади, па дури и околу еден милион луѓе во Измир се Македонци по етничка припадност. Ова, меѓу другото, и поради фактот што здружението на чие чело е господинот Али Шенгул (Ali Şengül), се нарекува: “Makedonya Göçmenleri Kültür ve Dayanışma Derneği – MAK – GÖÇ“, што во превод на македонски јазик значи: „Здружение за култура и солидарност на иселениците од Македонија“.
Сметам дека етничката припадност не е нешто што може да се утврдува однадвор. Тоа е прашање на лично и колективно самоопределување. Тоа е темелно начело на современото меѓународно право и на сите демократски стандарди за заштита на човековите права.
Поради тоа сметам дека почитуваниот господин Јове Кекеновски, како универзитетски професор, требаше да покаже поголемо внимание и научна воздржаност. Наместо да донесе заклучок за етничката припадност на една бројна заедница, посоодветно ќе беше да констатира дека припадниците на наведената етничка заедница во Измир и други места во Турција со децении ги чуваат македонскиот јазик, културата и споменот на своите предци, без однапред да ја дефинира нивната етничка припадност. Тоа не би ја намалило вредноста на неговата колумна. Напротив, би ја направила научно попрецизна и поинклузивна.
Конечно, ова прашање не е само академска дебата. Доколку ваквите ставови евентуално би биле прифатени како официјална политика на македонските институции, тие би можеле да предизвикат непотребни недоразбирања со пријателска Турција и со припадниците на наведената етничка заедница. Република Македонија отсекогаш своите односи ги градела врз заемно почитување и почитување на правото на самоопределување. Би било штета токму тоа начело да го нарушиме со обиди однапред да ја дефинираме етничката припадност на луѓето кои имаат право самите да кажат кои се и што се. Науката треба да ги истражува идентитетите, но не и да ги пропишува. Особено кога станува збор за заедници чија историска судбина била мошне сложена, а нивната современа самоидентификација е разновидна. Сметам дека само таквиот пристап е научно одговорен, етички оправдан и во духот на современите демократски вредности.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


