
Во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје вечерва се одржа традиционалниот свечен прием по повод големиот јубилеј – 250 години од американската независност.
Настанот, кој традиционално се организира неколку дена пред официјалниот празник 4 Јули – Денот на независноста на САД, собра бројни гости, меѓу кои дипломати, претставници на политички партии, градоначалници, јавни личности и новинари.
Вршителката на должноста амбасадорка на САД во земјава, Никол Варнс, во своето обраќање порача дека оваа годишнина не претставува само прослава на историјата, туку и прослава на можностите и иднината.
Таа нагласи дека иднината им припаѓа на општествата кои поттикнуваат иновации, инвестираат во талентот и имаат доверба во своите граѓани.
Свеченоста, заокружена со традиционален огномет, беше искористена и како потврда за долгогодишното стратешко партнерство и пријателство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, како и за заедничката посветеност на демократските вредности и процеси.

