Skip to main content
Скопје

Лукровски: Се враќам да работам за Карпош

01/07/2026  11:38

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, преку објава на социјалните мрежи соопшти дека по здравствените предизвици со кои се соочувал во изминатиот период повторно се враќа на своето работно место.

Лукровски истакна дека изминатите месеци за него претставувале големо искушение и животна лекција, нагласувајќи дека вистинската сила не е никогаш да не паднеш, туку секогаш да најдеш сила повторно да станеш.

„Денес, со голема благодарност и искрена радост, повторно се враќам на своето работно место. Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив во изминатиот период“, напиша Лукровски.

Тој им се заблагодари на заменик-градоначалникот, на својот тим, на вработените и советниците во Општина Карпош, како и на семејството, пријателите, сограѓаните и лекарите за поддршката што му ја пружиле во периодот на закрепнување.

Посебна благодарност упати и до премиерот Христијан Мицкоски, за, како што наведе, човечноста, поддршката и помошта во неговата борба.

Во својата објава, Лукровски ги демантираше сите шпекулации и, како што рече, лаги поврзани со неговото име и здравствената состојба, оценувајќи дека одредени поединци и политички партии се обиделе да извлечат евтини политички поени.

„Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал“, порача градоначалникот.

Тој најави дека се враќа со нова енергија, уште поголема посветеност и јасна цел да продолжи да работи одговорно и посветено во интерес на граѓаните и развојот на Општина Карпош.