Skip to main content
Македонија

Мицкоски ги соопшти новите министри: Клековски во Здравство, Велковски во Социјална политика

30/06/2026  21:14

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ги соопшти новите кадровски решенија во рамки на владината реконструкција, оценувајќи дека по две години работа Владата влегува во нова фаза, која ќе биде насочена кон поголема ефикасност, динамика и побрза реализација на приоритетите.

Според новиот владин состав, Министерството за социјална политика и демографија ќе го предводи Ѓоко Велковски, кој досега ја извршуваше функцијата заменик-министер во истиот ресор.

За нов министер за здравство е именуван Сашко Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување. На неговото место во ФЗОМ ќе дојде досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински.

Министерството за локална самоуправа ќе го преземе Иван Стоилковиќ, додека за министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите е именуван Ерџан Демир.

Премиерот соопшти дека од коалицијата ВРЕДИ ќе бидат предложени нови министри за правда, култура и односи меѓу заедниците, а од Движењето ЗНАМ ќе биде номиниран нов министер за земјоделство. Претходно, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека за оваа функција ќе биде предложен Борче Серафимовски.

Во рамки на реконструкцијата, се укинува и ресорот за добро владеење, чии надлежности ќе бидат префрлени директно под ингеренција на кабинетот на премиерот.

Мицкоски исто така објави дека Демократска партија на Турците станува дел од владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со што парламентарното мнозинство дополнително се проширува.