Skip to main content
Македонија

Жештините ги полнат амбулантите – зголемен број интервенции на Брзата помош

29/06/2026  16:40

Екстремно високите температури кои ја зафатија државата веќе сериозно се одразуваат врз здравјето на граѓаните. Во Скопје е регистриран зголемен број интервенции на екипите на Брзата помош, а најпогодени се повозрасните лица, иако медицинска помош сè почесто бараат и помлади граѓани.

Доктор Ана Џарева од Брза помош – Скопје информира дека само во текот на утринските часови биле регистрирани повеќе од пет колапси на јавни места, најчесто кај постари лица. Освен овие случаи, евидентиран е и значително зголемен број повици од граѓани кои се пожалиле на здравствени проблеми предизвикани од екстремните горештини.

Најчестите симптоми поради кои граѓаните барале медицинска помош се болки во градите, вртоглавица, слабост и општа малаксаност. Во текот на денот е интервенирано и кај 37-годишна жена на која ѝ се слошило додека се наоѓала во возило.

Покрај здравствените интервенции поврзани со високите температури, екипите на Брзата помош имале и неколку повици поради сообраќајни незгоди, меѓу кои и случај во кој велосипедист бил удрен од автомобил.

Лекарите повторно апелираат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, кога температурите се највисоки. Доколку излегувањето е неопходно, се препорачува носење лесна и светла облека, капа и очила за сонце, како и редовно внесување вода и природни сокови.

Истовремено, медицинските лица советуваат да се избегнуваат алкохолни и кофеински пијалаци, како и тешка и мрсна храна. Лицата со хронични заболувања треба редовно да ја земаат препишаната терапија и да избегнуваат нагли премини од климатизирани простории на високи надворешни температури.

Од Брзата помош предупредуваат и на поголема внимателност во сообраќајот, бидејќи жештините можат да предизвикаат намалена концентрација, замор и побавни реакции кај возачите и останатите учесници во сообраќајот.