Skip to main content
Свет

Трамп го претстави специјалниот пасош со својот лик

27/06/2026  12:39

Американскиот претседател Доналд Трамп претстави ограничено издание на нов американски пасош со негов портрет, издаден по повод 250-годишнината од Декларацијата за независност на САД.

„Новиот пасош на Соединетите Американски Држави, кој порачува: „Добредојдовте, но однесувајте се пристојно!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушал“.

На објавената фотографија претседателот е прикажан со сериозен израз, потпрен на работната маса, додека во заднина се гледа текстот на Декларацијата за независност.

На втората страница е претставена слика од потпишувањето на Декларацијата за независност во 1776 година, со натпис „USA 250“.

Белата куќа исто така ја објави фотографијата, нарекувајќи го документот „патриотски пасош“, додека Стејт департментот засега не се огласи.

Dосега ниту еден актуелен американски претседател не бил прикажан на американски пасош.

Ова е најнов во серијата потези со кои ликот на Трамп се појавува на државни симболи и институции, што неговите критичари го оценуваат како поттикнување култ на личноста.

Според најавите, потписот на Трамп ќе се најде и на идните американски банкноти, што исто така претставува преседан за актуелен претседател.

Претходно денеска Трамп остро го критикуваше, како што рече, „оживувањето на комунизмот“ во САД, нарекувајќи го „рак“ и „најголема закана“ за земјата од нејзиното основање.

Изјавата следува по победата на повеќе левичарски кандидати, поддржани од новиот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, на внатрепартиските избори на Демократската партија во градот

Трамп пред членовите на евангелистичката коалиција „Слобода и вера“ во Вашингтон изјави дека тие „не се социјалдемократи, туку екстремисти и безбожни комунисти“ и предупреди дека нивната победа би ги загрозила американскиот просперитет и верските слободи.

Тој оцени дека Демократската партија направила „многу силно свртување налево“.