
Авион со големина приближно на автомобил се урна во највисоката зграда во Пекинг, облакодерот CITIC Tower, по што полицијата ги блокираше пристапите до зградата и им забрани на минувачите да го снимаат местото на инцидентот, изјавија очевидци.
Облакодерот CITIC Tower, познат и како China Zun, има 108 ката и се наоѓа во централната, деловна област на Пекинг, пренесуваат британските медиуми.
Во него се наоѓа седиштето на државниот конгломерат CITIC Group.
Голем број полицајци се распоредени на местото на настанот, а некои пристапни патишта се затворени за сообраќај.
Полицијата им забрани на минувачите да фотографираат од зградата, додека од некои побара да ги избришат веќе направените фотографии и да се оддалечат од областа.
Според очевидци, оштетени се два стаклени панели на горните катови од зградата.
Сведок изјави дека околу 18 часот по локално време слушнал силен удар, а потоа го видел авионот како се урива во зградата.
„Бучавата беше екстремно гласна, погласна од огномет“, рече тој.
Очевидецот додаде дека снимил видео од авионот како ѕирка од зградата, но подоцна го избришал од страв од полицијата.
Друг очевидец рече дека дошол на местото на настанот откако видел непотврдени фотографии на социјалните мрежи од остатоци од мал авион на патот до облакодерот.
Објавите за инцидентот набрзо биле отстранети од кинеските социјални мрежи, според агенцијата.
Официјалните информации за причината за инцидентот и можните жртви сè уште не се објавени.
Градските власти на Пекинг не одговориле на барањето за коментар.

